Спектакуларно убав и неверојатно редок портокалов дијамант од 14,82 карати бил продаден на аукција на куќата Кристи во еден луксузен женевски хотел за рекордни 31,5 милиони долари. Во цената не биле вклучени уште 4,04 милиони долари кои ќе бидат платени на име разни такси и провизија. Купувачот, чиј идентитет не бил откриен, веднаш по завршената аукција го напуштил хотелот, следен со аплаузи.

Дијамантот со овален облик и интензивно портокалова боја бил пронајден во Јужна Африка и добил највисока оцена за обоени дијаманти од Американскиот гемолошки институт. Досега портокаловите дијаманти продадени на аукции никогаш немале повеќе од шест карати. Најавено е и дека на аукција на куќата Сотби ќе биде понуден розе дијамант со беспрекорен квалитет „Розе Ѕвезда“ од дури 59,60 карати, чија вредност е проценета на повеќе од 60 милиони долари.