По стабилиозирање на хидролошката состојба, портите на истекот на реката Црн Дрим од Охридското Езеро се ширум отворени и преку нив истекува максимално количество вода.


Портите на Дрим широко отворени

Поради обилните врнежи есента и оваа зима, нивото на Охридското Езеро веќе подолг период е блиску до горната граница која се наоѓа на  693,75 метри надморска височина. Тоа според експертите е само десетина сантиметри помалку од природниот максимум, но состојбата не е загрижувачка, бидејќи населените крајезерски  делови на Охрид и Струга се најмалку еден метар повисоко од максималното ниво на езерото.


Во изминатиот период Македонија се воздржа од испуштање поголеми количини вода од езерото во реката Дрим, за да се спречи излевање на оваа река во Албанија која неодамна беше зафатена од големи поплави.


Нивото на Охридското Езеро се регулира со Билатералниот договор помеѓу Македонија и Албанија кој е донесен пред повеќе од 50 години и според експертите потребно е тој да се ревидира врз основа на научна анализа со која предвид ќе се земат и климатските промени кои несомнено влијаат на осцилациите на Охридското Езеро.

Ohridnews
фото: Васко Бујароски