Средношколци-екскурзијанти фатени со марихуана, наркомани од време на време во и околу училиштата, цигари и алкохол во рацете на младите момчиња и девојчиња, тепачки меѓу основците во школските дворови.

Ова е сликата на денешното „современо“ живеење на младите. Ова е нивното опкружување. Вака се однесуваат поголем број млади ако сакаат да бидат IN. Во спротивно, тие се OUT-отфрлени од другите, неразбрани и несфатени, неинтересни во друштвото.

Во вакви девијантни појави, денес, се позабрзано запаѓаат повеќе млади понесени од желбата да бидат „шмизли“ и „фраери“. Ги забораваат или ги потиснуваат семејните врски и вредности, а семејното воспитување како да го губи здивот во ова турбо динамично „современо“ живеење. Испливува ли на површина значењето на „уличното школо“ и почна ли да царува „законот на улицата и уличното воспи-тување“? Се губат ли семејните и моралните вредности пред напливот на пороците и насилството, пред вековниот транзициски период на земјава, пред суровоста на економските прилики и неприлики,  пред желбата за пари и удобен живот, пред потребата да се живее и преживее?

Поразувачки е фактот дека наместо потребата од меѓусебно почитување, почитување на семејството и семејните вредности, на неопходноста од учење, дружењето со музиката и спортот како единствени „реквизити“ на патот до успехот и развојот во здрава личност, кај младите се „бетонира“ игнорантскиот однос кон  родителите, се „негува“ сфаќањето дека во овој свет, најважни се парите и ништо друго. Денес „светли примери“ се поединци кои, без ниеден работен ден и на крајно сомнителни начини заработиле многу пари. Тие поединци, се идолите по кои голем дел од младите сакаат да го креираат  својот „модус вивенди“. И тие, сакаат така да живеат.

Често пати се „врти“ муабетот дека овој или оној е „убав и има  убаво лице“ иако се знае дека тој-убавиот, длабоко загазил во полето на марихуаната и во мрежата на наркоманијата. Правиме ли сите  ние како родители доволно, за да им кажеме и укажеме на нашите деца дека нема брза и лесна заработувачка, дека „брзите и лесни пари“ имаат краток рок на употреба и дека нема лесен пат до успехот и до посакуваниот статус во заедницата без силно и енергично учење?  Се трудиме ли доволно да им кажеме на децата дека правдата е спора но сепак достижна за сите оние „идоли“ кои „заработиле“ нечесно да им ги покажеме вистинските патишта до здрава личност со сите  позитивни вредности подготвени за предизвиците на животот, способни да ги препознаваат и отфрлаат пороците кои ги демнат?

Како родители, сепак не сме доволно организирани да се справиме со напливот на девијантните манифестации кај децата, од нивната „шема“ да ги елиминираме уличните толкувања за смислата на животот и да го вратиме домашното воспитување како столб во развојот и животот на најмладите. Зачудува флексибилноста на повеќе родители кон почестото присуство на нивните деца надвор посебно во ноќните часови како и замреноста на меѓусебната комуникација. Ретки или никакви се контактите меѓу родителите чии деца се соученици и учат во исти клас. Очекуваат ли дел од нас – родителите, другите повеќе да водат грижа за нашите деца. Можеби мислат дека  учителите или полицајците ќе ги научат повеќе и подобро и ќе го надополнат она што тие го пропуштиле.

Денес, освен неколку невладини организации, нема ниту едно граѓанско здружение, кое како граѓански крик, ќе се обиде да ги актуелизира и пороците пред кои се исправени децата, да укаже на алармантноста на состојбите со дрогата и другите девијантни појави и да ги привлече и обедини сите родители во борбата против сите зла на денешницата. Водени од помислата „подобро да се спречи одколку  да се лечи“ невладините заедно со Полицијата и школите влечат напред, иницирајки проекти и превентивни кампањи против наркоманијата и другите лоши појави. Нивната битка за справување со злото и пороците ќе е уште потешка без поголема и појасна поддршка од нас-родителите.

Сите тие, заедно, ја вклучија сирената за тревога спротиставувајќи се кон „силните раце кои влечат кон дното“ за кои пееше Балашевиќ во „Животот е море“.

Авторот е познат на редакцијата