Македонската фудбалска репрезентација со пораз ги заврши квалификациите за пласман на Европското првенство што догодина се игра во Австрија и Швајцарија.

Во Тел Авив Израел минимално со 1:0 ја совлада Македонија со голот на Барда во 35 минута. Натпреварот кој се одигра по дождливо време немаше фудбалска убавина. Израелците ја искористија единствената своја шанса и стигнаа до нова победа со која само го потврдија 4-то место во Е групата.

Македонија доминираше во второто полувреме но не создаде таканаречени стопроцентни шанси. Најголемата прилика за израмнување ја пропушти дефанзивецот Новески во 73 муинута кога од една полу шанса ја погоди стативата.

Македонија овој циклус квалификации ги заврши на 5-то место, зад Хрватска, Русија, Англија и Израел, а пред Естонија и Андора. И покрај силината на противниците, овие квалификации не можат да се оценат како успешни. Освен повремените блесоци и солидните настапи против Англија и Хрватска и победите над Андора и Естонија на гости Македонија ниту во овие квалификации не излезе од веќе видената просечност. За таа цел најмивме селектор странец, Словенецот Среќко Катанец, но ниту неговата годишна плата од 150.000 евра не беше доволна за квалитативен напредок.

Договорот на Катанец му изминува на 1 декември, а ждребот за следниот циклус квалификации за пласман на СП е на 5 декември. ФФМ на Катанец веќе му понуди продолжување на договорот, но тој сеуште не се изјаснил за понудата. Катанец наводно има понуди и од соседна Бугарија, но и без тоа има алиби (или аргументи) за негово заминување. Расплетот следи во наредните денови.

Г. Момироски