Продолжува „распродажбата“ на бодови во Билјанини Извори. Ракометарите на „Климент Охридски“ чија цел е оваа година само да го доиграат првенството без желба да направат нешто повеќе во Суперлигата, го доживеаа и третиот пораз по ред.
По Младост и ракометарите на Преспа лесно стигна до нови два бода на гостувањето во Охрид. Охриѓани додека имаа свежина и сила парираа на гостите, па на полувреме заминаа со пристојни минус 3. Во вториот дел до израз дојде неподготвеноста на домаќините кои не можеа да го издржат темпото, ресенчани го скршија отпорот и ја зголемуваа својата предност која на крајот изнесуваше +12, 39:27. Гостите доминираа и на останатие натпревари. Пелистер беше поуспешен од Тиквеш, а Вардар во натпревар кој некогаш беше дерби го совлада Младост
Кошаркарките на Билјана 006 ги прокнижија првите два бода во новото првенство. Бодовите против Куманово ќе ги добијат со службен резултат, бидејќи гостинките не допатуваа во Охрид.
Се` подалеку од опстанок во второлигашкото друштво се фудбалерите на Илинден кои во Прилеп беа поразени од директниот конкурент Вардар Декамел со 1-2. Деветтиот пораз во 20 кола ги остава заковани на дното на второлигашката табела. Караорман беше убедливо поразен од Цементариница со 3-0. Лидерот Милано со петарда ја испрати Беласица 5 -1, Турново и Маџари минимално ги совладаа Слога, односно Тетекс, а единствениот натпревар без голови го одиграа Скопје и Металруг .
М. Постолоски