Фудбалерите на Охрид со празни раце се враќаат од гостувањето во Автокоманда, откако изгубија со 2-1 (2-0) кај лидерот на табелата во Втората македонска фудбалска лига-запад, Скопје.

За „рибарите“ ова беше четврти пораз вкупно во шампионатот, а втор од Скопје сезонава во Втората лига. „Пиратите“ во Охрид славеа со минимални 1-0.

Скопјани теренската иницијатива на стартот од натпреварот ја валоризираа со погодокот на Изет Ајрулаху, кој прецизно стрелаше во осмата минута. После 20 минути игра, Скопје го зголеми водството преку Владими Жоглев. Најистурениот фудбалер во домашниот состав, најдобро се снајде после нафрлената топка од слободен удар и погоди за 2-0.

Охриѓани после негативата се разиграа, но до крајот на првиот дел не успеаја да направат посериозна прилика за погодок.

Во второто полувреме, Охрид комплетно ја презеде иницијативата и го потисна ривалот на сопствената половина. Во 57-та минута, Охрид, намали на 2-1. Дефанзивецот Дарко Цветаноски добро ја пратеше нафрлената топка и со прецизен удар на втора статива ја смести топката во мрежата.

Охрид, иако имаше неколку полушанси не направи конкретна прилика за втор погодок, со кој ќе избегнеше пораз кај водечкиот Скопје.

Во следната рунда, Охрид, на домашен терен силите ќе ги одмери со кичевски Велазерими.

 

OhridNews