Охридските ракометари со пораз од Пролет 28-24 (13-12) во Скопје ги започнаа натпреварите во новата сезона од македонската ракометна Супер лига.
„Гладијаторите“ мечот го започнаа одлично и поведоа со 4-0. Пролет успеа да намали 3-4, но Охрид го одбрани налетот и не дозволи пресврт. Охриѓани имаа водство до 25-та минута кога на семафорот стоеше 11-9. Домашните ракометари со серија 3-0 стигнаа до 12-11 и со гол предност (13-12) заминаа одмор.
На стартот од второто полувреме домашните ракометари со 5-1 серија дојдоа до предност од пет голови (18-13). Охридските ракометари не се предадоа и стигнаа до негатива од два голови 22-20. Сепак, Пролет не дозволи неизвесна завршница и со неколку голови во серија го одлучи победникот.
Во листата на стрелци кај охриѓани се истакнаа Бобан Блажески со осум и Иван Тасески со пет голови, додека кај домашната екипа Стефан Трајковски постигна осум погодоци.
Ракометниот клуб Охрид во втората рунда ќе се сретне со Бутел во СРЦ „Билјанини Извори“.
OhridNews