Ракометниот клуб Охрид со висок пораз од Работнички 30-24 (14-11) на теренот од противникот ја започна новата сезона во Супер лигата.
Охриѓани одлично го отворија мечот во салата „Форца“ и се до 10-та минута ја контролираа играта, резултатот и имаа водство од +3 (4-1 и 5-2).
На средината од првиот дел домаќините се консолидираа ја легнаа топката и со серија од 5-1 го презедоа водството (7-6).
Во продолжението од натпреварот „гладијаторите“ немаа одговор за бедемот пред голот на Работнички.
Нападот комплетно потфрли правејќи незамисливи технички грешки кои немилосрдно домаќините ги казнуваа со погодоци за (14-11) на крајот од првиот дел.
Во почетните десет минути од второто полувреме домаќините со нова серија (5-1) се одлепија на +7 (19-12) со што ја наговестија победата.
На „гладијаторите“ не им помогна ниту отсуството на Велко Маркоски кој преостро стартуваше над Горан Печенковски и заработи директен црвен картон.
Охриѓани покрај големата негатива одиграа борбено до последните моменти од мечот, но разликата беше огромна и неможеја да сторат ништо повеќе за поволен резултат.
Најефикасен со седум погодоци во охридскиот состав беше Мите Караиванов, а еден помалку реализираше Дарко Павловиќ. Најефикасен на мечот со 13 голови беше Саша Илиќ од тимот на Работнички.
Во втората рунда охридските ракометари ќе се сретнат со вториот тим на Металург во Скопје.
Мх.П.