Ракометниот клуб Охрид со пораз од битолски Пелистер 32-24 (15-11) ги заврши мечевите во третото учество во плејофот од Супер лигата.
„Гладијаторите“ без победа само со едно реми завршија на последната позиција, далеку од минатогодишниот успех кога финишираа на третото место позади скопските екипи Вардар и Металург.
Охридските ракометари добро го отворија мечот и поведоа со 3-1, но Пелистер најпрво возврати со 3-0 серија за презамање на водството (4-3), а потоа со нова серија за водство 9-6. Од тој момент па се до крајот резултатот во корист на Пелистер варираше, но на одмор заминаа со плус четири (15-11).
На стартот од вториот дел гостите дојдоа до плус шест 14-20, но Охрид смогна сили и стигна да ја преполови предноста (22-19). „Зелено белите“ со 5-1 серија се одлепија на 27-22 и го решија прашањето околу победникот. До финишот во двата состави се изротираа играчите, а Пелистер славеше со 32-24.
Пелистер со триумфот во Охрид ја заврши својата работа во борбата за четвртата позиција на табелата, но не доби помош од градскиот ривал Еурофарм Работник кој изгуби од Пролет во Скопје.
OhridNews