Кошаркарскиот клуб АВ Охрид го претрпе првиот пораз во Првата лига сезонава, откако изгуби од Фени Индустри 100-64 (32-19, 22-17, 23-16, 23-12) во Кавадарци.


Охридските кошаркари, потфрлија на стартот од натпреварот односно во првата четвртина во која примија дури 32 поени, а дадоа 19.

Полетниот почеток домаќините го искористија и во вториот квартал и предноста на полувремето ја зголемија за дополнителни пет поени (54-36).

Фени Индустри доминацијата ја продолжи и во третиот период кој го доби 23-16, а во последната четвртина рутински го одржаа водството за конечна победа 100-64.

Со 23 поени најпрецизен во тимот на Фени Индустри беше Кирил Николовски, а на мечот со 25 кошеви најефикасен беше капитенот на „галебите“, Слободан Михајловски.

Во третата рунда која ќе се одигра в среда, АВ Охрид на домашен терен го пречекува составот на Куманово.

OhridNews