Трошоците на животот во март 2015 пораснале за 0,5% додека цените на мало за 0,9%, во однос на претходниот месец, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Порастот на индексот на трошоците на животот од 0,5% во март 2015 година, во споредба со претходниот месец, е резултат на повисоките цени на свежото овошје за 5,9%, свежиот зеленчук за 2,9%, свежото млеко за 1,3%, тестенините, конзервираните месни производи, киселото млеко и шеќер, џем, мед, чоколада и кондиторски производи за 0,7% и алкохолните пијалаци за 0,3%.
Исто така, пораст на индексот на трошоците на животот е забележан и кај течните горива за домаќинствата за 13,0%, гасот за домаќинствата и течните горива и мазива за 9,6%, лековите за 6,5%, информатичката опрема за 2,3%, други услуги неспомнати на друго место за 1,0%, услугите за одржување и поправки на станот и средствата за чистење и одржување на станот за 0,8% и накитот и часовниците за 0,6%.
Намалување на индексот на трошоците на животот во март 2015 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај другите неспомнати прехранбени производи за 2,2%, конзервираната риба за 1,5%, месото и замрзнатиот зеленчук за 0,6%, рибата за 0,4%, преработките од млеко и сувото овошје за 0,2%.
Во март, исто така, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај болничките услуги за 5,2%, материјалите за одржување и поправки на станот за 3,7%, телефонските и телеграфските апарати и услуги за 3,5%, сообраќајните средства и пакет-туристичките аранжмани за 1,3%, услугите за култура за 1,0%, обувките за 0.8% и останатите стоки и услуги за лична употреба за 0,2%.
Индексот на трошоците на животот во март 2015 година, во споредба со март 2014 година, бележи намалување од 0,3%, а индексот на цените на мало бележи намалување од 0,8%.
OhridNews