Турканици и нервоза имаше денеска пред канцеларијата на овластениот извршител ангажиран во случајот со некогашниот текстилен гигант „Отекс“ – Охрид. Причината беше распределбата на средствата од продажба на три помали објекти, сопственост на компанијата, извршена неодамна. За смирување на страстите беше повикана полицијата, која се грижеше за редот и мирот пред зградата во која е сместена канцеларијата на извршителот, каде тој денеска оствари средба со правните застапници на страните инволвирани во случајот.

Вработените во „Отекс“ се незадоволни од начинот на распределба на средствата од продажбата на имотот и бараат и на нив да им се исплатат побарувањата, за сметка на каматите на доверителите на некогашниот холдинг.

Овластениот извршител Димитар Стаменков, во разговор со репортерот на OhridNews, истакна дека тој постапува согласно закон, односно според одлуката на судот, во која се наведува дека предност при исплатата на побарувањата од продажба на недвижниот имот на холдингот “Отекс“ имаат доверителите, на кои покрај главницата треба да им се исплатат и камати. Тој вели дека ги разбитра вработените, кои исто така имаат ненаплатени побарувања од компанијата, но појаснува дека согласно судската одлука нив приоритетно им следуваат средства од продажба на движниот имот и производите на компанијата, кои тешко се продаваат.

Извршителот појасни дека на денешната средба со правните застапници на страните инволвирани во случајот, предложил да биде одложена распределбата на средствата од последната продажба на имотот, со цел да се изнајде начин за обештетување и на поранешните вработени, но дека тоа не било прифатено од адвокатите на доверителите на холдингот „Отекс“.

Поранешните вработени мирно се разотидоа од местото на настанот. Тие најавија дека ќе побараат од судот да ја промени одлуката околу распределбата на средствата од продажба на имотот на некогашен „Отекс“, со цел и тие да можат да ги наплатат своите побарувања.

Г.М.