Соединетите американски држави ги ставија на црната листа пранешниот прв вицепремиер и висок функционер на ДУИ Артан Груби и судијата Енвер Беџети.

Стејт департментот соопшти дека Груби и Беџети биле вмешани во значителна корупција во предмети поврзани со поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, за што примале и мито.

Информацијата на Твитер ја објави амбасадорката на САД Ангела Агелер.

Денешното назначување на Артан Груби и Енвер Беџети е доказ дека политичкото мешање во судството не смее, и нема да биде толерирано. САД ќе продолжат да ги именуваат оние кои се впуштаат во значителна корупција која ги поткопува демократските институции и ја еродира довербата на јавноста. Никој не е над законот и одговорноста е клучна за напредокот, напиша американската амбасадорка во земјата Агелер.

Ставањето на црната листа на Груби и Беџети значи дека на нив и нивните потесни семејства им се забранува влез во САД.

Објавата на САД доаѓа во чувствителен политички момент, во време кога ДУИ организира протести пред Уставниот суд кој во среда треба да расправа за Законот за јазици откако Венецијанската комисија утврди најмалку три сериозни пропусти во истиот.

Г.М.