Украинските сили го уапсија поранешниот шеф на Службата за безбедност на Украина (СБУ) Олег Кулинич, кој е обвинет за предавство, пренесува „Украинска правда“.
По апсењето, СБУ објави дека една од нејзините главни задачи е да ги спречи обидите на Русија да ја прошири својата мрежа на агенти меѓу украинските државни службеници.
Во вакви случаи беа вмешани и вработени во СБУ, што ја покажува намерата за расчистување на Службата. Со откривање на ваквите ситуации, наместо да ги криеме, го поставивме курсот за изградба на модерна и ефикасна специјална служба, способна да се соочи со моќен непријател кој ја загрозува безбедноста на Украина, се наведува во соопштението.
Во 2020 година, Олег Миколаевич Кулинич беше назначен за шеф на Дирекцијата на Службата за безбедност на Украина за Крим. Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, го смени од таа функција во март 2022 година.
СБУ е главната разузнавачка и безбедносна агенција на Украина, наследник на украинскиот огранок на советскиот КГБ.
Нејзините задачи се, меѓу другото, контраразузнавање и борба против тероризам. Во рамките на оваа служба има и специјална единица на Алфа групата.
OhridNews