Судот во германскиот град Дизелдорф денес пресудил дека еден постар страствен пушач мора да го напушти станот во кој живее веќе 40 години, поради тоа што неговите соседи се жалеле дека им смета чадот од цигарите. Фридхелм Адолфс, кој има 75 години, мора до крајот на годинава да го напушти својот стан во Дизелдорф, било наведено во пресудата на судот со која била одбиена неговата жалба на првостепената пресуда. Во пресудата се наведува дека самото пушење во станот не претставува доволен основ за исфрлање на станарот, но Адолфс е виновен затоа што не се обидел да спречи чадот од цигарите да продре во заедничкиот ходник на зградата.
Пензионерот не го проветрувал станот на адекватен начин, нити ги празнел пепелниците, навел судот, додавајќи дека сопственичката на зградата во 2012 неколку пати вербално го предупредила Адолфс, но без ефект. Тој може да вложи жалба до сојузниот суд надевајќи се дека така ќе успее да избегне исфрлање од станот. Германските медиуми внимателно го следат овој случај, па Адолфс станал вториот најпопуларен стравствен пушач во таа земја по 95-годишниот поранешен канцелар Хелмут Шмит, кој е познат по тоа што пали едно цигаре по друго, дури и за време на гостувањата на телевизија.