Центар за култура „Григор Прличев“

Од 22.04.2023 - 20:00 до 22.04.2023 - 21:00

Поради зголемениот интерес, театарската претстава „Мали vs ГОЛЕМ” од детското драмско студио “ДрамаКидЗ” при НУЦК „Григор Прличев“ Охрид ќе биде повторно изведена пред пошироката публика, во сабота, 22 април, со почеток во 20.00 часот.

Театарската претстава е коавторско дело на драматургот Кристина Тодороска Петреска и режисерот Ирена Стеријовска, а обработува теми од секојдневието на младите личности нивниот глас и размислувања, наспроти образовниот систем и воопшто светот на возрасните.

Како ментори на „ДрамаКидЗ“, авторите во текстот и во самата изведба инкорпорираат мислења, ставови и темпераменти, кои се автентични за самите членови на студиото, па така ова театарско дело, иако жанровски фикционално, обелоденува многу вистини за светогледот на децата, во едни несигурни и неприлагодени општествени контексти, информираат од Драмското студио.

Картите за претставата може да се купат на билетарата во Центарот за култура по цена од 100 денари.

Инаку, „ДрамаКидЗ“ започна со работа од октомври 2022 година и брои 26 членови од 3то до 8мо одделение. Со нив работат професионалци, членови на ансамблот на НТО и тоа драматурзите Зоран Пејковски и Кристина Т. Петреска, режисерите Ирена Стеријовска и Ѓорѓи Ризески, како и актерите Филип Кипровски, Павел Маслов и Стрезо Стаматовски. Координатор на Драмското студио е Зоран Левески, стручен соработник за драмска дејност при НУЦК „Григор Прличев“.

OhridNews