Поради актуелната состојба со корона вирусот КОВИД 19 и зголемениот број на заболени на подрачјето на Општина Охрид, по налог на градоначалникот Константин Георгиески, од денеска 11.03.2021 (четврток), опшинската зграда ќе биде затворена за физички посети на странки.
Се известуваат граѓаните дека покрај тоа што нема да биде дозволен приод во општинските простории, сите надлежни служби ќе работат непречено. Граѓаните кои имаат било каква потреба од општински услуги ќе може да се обратат на активните телефонски линии и електронските адреси на одделенијата и секторите од општината, кои се достапни на општинската веб страница. За граѓаните ќе биде достапен шалтер на општинската архива каде што ќе можат писмено да се обратат. – информира локалната самоуправа.
Оваа мерка се воведува со цел да се обезбеди поголема заштита на граѓаните и на вработените од ширењето на корона вирусот КОВИД 19 и обезбедување на услови за побезбедно функционирање на општинските служби. Мерката ќе важи до стабилизирање на состојбата со вирусот, се наведува во соопштението.
Општина Охрид упатува апел до граѓаните за максимално почитување на сите актуелни препораки за заштита и превенција од вирусот, кои се донесени од страна на Министерството за здравство и Владата. – се вели во соопштението за јавност.
Во ковид центарот во Општата болница хоспитализирани се 63 пациенти. Целосно се исполнети капацитетите на модуларната болница, дел од пациентите се на интерното одделение, а суспектни случаи се сместени на Одделението за геријатрија. 40-тина од хоспитализираните пациенти се на кислородна поддршка, некои од нив со потешка клиничка слика, а најмладиот од нив има 37 години. На барање на управата на болницата за потребите на ковид-центарот се обезбедени уште девет контејнери за модуларната болница.
Во Охрид вчера беа евидентирани 26 нови случаи на Ковид 19.
OhridNews