Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) апелира до граѓаните, поради топлото време и високите температури да внимаваат на безбедноста на храната, но и на здравјето на милениците и домашните животни.

Според АХВ, најавено зголемување на дневните температури ги зголемуваат ризиците од појава на труење со храна.

За да се спречи ова, неопходно е да се направи правилен избор на храна при нејзина набавка и да се обезбеди соодветен транспорт и услови за чување. Потребно е да се води сметка за изгледот, рокот на употреба и соодветното чување, а пред се да се купува храна од проверени места каде има соодветни услови и каде производите, особено лесно расипливите од животинско потекло се чуваат во разладни уреди, наведува АХВ.

Агенцијата ги потсетува потрошувачите да избегнуваат купување и консумирање храна со оштетена амбалажа (нагмечена, надуена или напукната), разладените или замрзнатите производи да ги купуваат на крајот од пазарењето, а лесно расипливата храна како месото, млекото и јајцата да не ги чуваат долго време во автомобилите и во други транспортни средства.

Да се одбегнува купување на разладена или замрзната лесно расиплива храна која се чува надвор од ладилник или во замрзнувач. Разладената храна да се чува на температура пониска од 5 степени Целзиусови, а храната која треба да се зготви термички да се обработи на темпeрaтура повисока од 60 степени Целзиусови. Овошјето и зеленчукот пред употреба темелно да се измијат под млаз вода, а месото, млекото и јајцата термички добро да се обработат. По подготовката, изладена, храната да се чува во фрижидер. На најгорните полици да се чува зготвената храна, а на подолните суровата. Храната да се заштити од инсекти, глодари и од домашните миленичиња и другите животни кои може да дојдат во контакт со неа, апелира АХВ.

Според Агенцијата, граѓаните кои јадат во угостителските објекти, да водат сметка дали операторите со храна се грижат за хигиената и безбедноста на храната.

Во објектите за брза храна да се одбегнува употреба на додатоци кои не стојат во ладилник како што се мајонез, кечап, крем салати, сосови, преливи,… Доколку се процени дека храната не е безбедна, да не се ризикува – храната да се фрли, истакнува Агенцијата.

Високите температури, дополнува АХВ, се опасност и за домашните животни и милениците. Сопствениците, потсетува Агенцијата, да не ги оставаат домашните миленици животните во затворен автомобил директно изложен на сонце, да избегнуваат нивни прошетки во текот на најтоплиот период од денот. На животните да им се обезбеди доволна количина и постојана достапност до свежа и чиста вода и престој во проветрени простории. На фармите, пак, да се внимава на населеноста (густината) на сместување на животните во објектите.

OhridNews