Во периодот од 12 до 18 мај, инспекторите од Државниот пазарен инспекторат, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државниот трудов инспекторат, Државниот инспекторат за транспорт, Агенцијата за храна и ветеринарство и Агенцијата за лекови и медицински средства реализирале вкупно 2.895 вонредни инспекциски надзори, во врска со одлуките на Владата од кои произлегуваат препораки и мерки за спречување на ширењето на коронавирусот КОВИД-19.

Инспекторите од Државниот пазарен инспекторат, реализирале најголем број, односно 1.566 контроли. Постапувано е во голем број на трговски објекти на големо и мало во кои спаѓаат и угостителски објекти, аптеки, бензински станици, банки и пошти.

„Државниот пазарен инспекторат постапуваше по утврдените неправилности и притоа се затворени вкупно 14 угостителски објекти од кои 12 во Тетово, еден во Охрид и еден во Струмица за којшто е поднесена и кривична пријава. Исто така, кривична пријава е поднесена и за хостел во Скопје. Утврдени се и пет прекршоци од којшто едниот за непочитување на уредба од страна на банка, а останатите за неносење на лична опрема и непочитување на замрзнатите цени“, нагласи на денешната прес конференција претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска-Грашкоска.

Државниот инспекторат за труд, во горенаведениот период реализирал вкупно 682 контроли кај работодавачи, по планиран распоред или по доставена пријава од граѓани. За периодот од 12-18 мај од страна на овој инспекторат донесени се 15 решенија и 42 укажувања за работодавачите кои не постапиле по препораките на Владата.

OhridNews