Авионот со кој премиерот на Република Македонија, Никола Груевски и неговите соработници денеска требаше да отпатува во Париз, поради технички проблеми принудно слетал во Брисел.
Според првичните неофицијални информации за време на летот кон Париз откажал еден од инструментите за прием на сигнал, на што на пилотите им било укажано од контролата на летање во Париз, која не можела да го прими сигналот од владиниот авион. Во тие моменти авионот бил на висина од 6 000 метри, а инструментите покажувале дека тој е на земја. Веднаш потоа леталото се вратило за Брисел според посебна процедура за такви ситуации и безбедно слетало.
Премиерот наместо со авион за Париз отпативал со воз, во надеж дека средбата со францускиот претседател Никола Саркози, која првично беше закажана за 15.30 часот, ќе се одржи подоцна. Последните најави се дека средбата помеѓу Саркози и Груевски најверојатно ќе се одржи утре.