Нема одложување на новата учебна година поради опасноста од ширење на свинскиот грип. Министерот за здравство Бујар Османи најави зачестени контроли низ училиштата, градинките и социјалните установи и едукација на наставничкиот кадар за новиот тип на грип А(Х1Н1).

– Наставниците ќе бидат задолжени на првиот училишен час, но и континуирано да им држат предавања на децата за начините на ширење и потребите од лична хигиена за спречување на ширењето на  вирусот А(Х1Н1), истакна Османи.

Тој најави ќе се изврши дезинфекција на просториите во сите образовни институции, а ќе бидат зголемени и мерките на превенција.

– Од наставниот кадар ќе се бара строга евиденција за отсуството на учениците од училиште, рече Османи кој додаде дека учениците со симптоми на грип мора да се лекуваат дома за да се спречи ширење на грипот.

Министерот за здравство истакна дека не се предвидува затворање на училиштата заради свинскиот грип, но не ја исклучи можноста од такви мерки доколку за тоа има потреба.

– Доколку се зголеми енормно бројот на заболени ученици или наставници индивидуално ќе се разгледуваат случаите за затворање на училиштата, посочи Османи.

Ohridnews