Во врска со починатата 66-годишна пациентка од струшко, позитивна на коронавирус, која не беше хоспитализирана во Инфективното одделение во охридксата Општа болница, министерот за здравство Венко Филипче, на денешната прес конференција, кажа дека директорката на охридската болница во текот на утрешниот ден ќе биде разрешена и ќе биде поставен нов директор.
- Денес, на увид се инспектори од Државниот санитарен и здравствен инспекторат за утврдување на улогата и одговорноста на сите вклучени во целиот процес и согласно информациите ќе се одлучува понатаму, согласно одговорноста на луѓето вклучени во овој случај, потенцира министерот.
Во меѓувреме е покрената постапка од страна на Основното јавно обвинителство, а Филипче упати апел до институциите целосно да ја спроведат постапката.
Како што вчера беше информирана јавноста, сега починатата 66-годишна жена од струшко, откако се јавиле првите симптоми, на 24 март закажала тестирање на коронавирус преку својот матичен лекар. Материјал за тестирање е земен на 26 март, а резултатите пристигнале во текот на 27 март. Заради нагло влошената состојба на пациентката, матичниот лекар уште веднаш препорачал хоспитализација на Инфективното одделение во охридската болница, но до добивањето на резултатите, пациентката не била примена во болница.
OhridNews