Поради неадекватната постапка за раздружување што ја иницираа општините Струга и Охрид, швајцарската влада ја суспендира помошта од 650.000 евра за меѓуопштинското јавно претпријатие Проаква со која требаше да се изградат 6 пумпни станици на источниот брег од Охридското Езеро.
Вршителот на должност директор на МЈП Проаква, Бранко Трпчески потврди дека е прекината швајцарската донација.
“Се работи за опрема за колекторскиот систем кој веќе е стар 20 година и е амортизиран. Потребно е освежување на системот така што во случајот опремата ни е е неопходна“, рече Трпчески кој изрази надеж дека владата ќе помогне во разубедувањето на швајцарците да не ја повлекуваат помошта.
Државниот секретар во министерството за животна средина Дејан Паноски, рече дека министертвото ќе се заложи во надминувањето на проблемот, но очекува позитивен однос од двете локални самоуправи кон прроблемот со што ќе се овозможи повторно отворање на швајцарската помош.
Според најавите МЈП Проаква треба да се подели на три работни единици, водовод Охрид, водовод Струга и посебно претпријатие кое ќе управува со колекторот и кое ќе биде во сопственост на државата.
Г. Момироски