На 9 мај светот одбележува 75 години од победата над фашизмот. Овој датум воедно се одбележува и како Ден на Европа.

На 9-ти мај 1945 година со потпишувањето на безусловна капитулација на нацистичка Германија, беше ставен крај на Втората светска војна во која учествуваа 61 земја, со вкупно 2,1 милјарда жители или 96 отсто од светското население. Војната однесе повеќе од 50 милиони животи. Официјајлно, пак, Втората светска војната заврши дури на 2 септември 1945 година, кога Јапонија капитулираше по бомбардирањето на Хирошима и Нагасаки со дотогаш непознатото оружје, атомската бомба.

Македонија за време на Втората светска војна беше на страната на антифашистичката коалиција. Во борбите против фашистичките окупатори, само од вардарскиот дел на Македонија, загинале 33.000 луѓе, вклучувајќи ги и преку 7.000 македонски Евреи, кои беа депортирани во концентрацискиот логор Треблинка, Полска. Материјалните штети што ги претрпе земјата во текот на Втората светска војна беа огромни. – истакнува Гоце Георгиески, претседател на Здружението на борци од Охрид и Дебрца и поддржувачи на традицијата.

Македонскиот народ во тие судбоносни моменти се определи против фашизмот, заедно со светската антифашистичка коалиција, за борба против ропството, борба за остварување на вековниот сон за национална слобода и своја држава.

Од Народноослободителната војна израсна грандиозното АСНОМ-ско дело, слободната македонска држава. На Првото заседание на АСНОМ, се случи и вториот слободарски и победоносен Илинден, се реализираа вековните стремежи на македонскиот народ за добивање национална и социјална слобода. – потсетува Георгиески.

Антифашизмот останува трајна наша обврска и долг за чување и натамошно унапредување на историските придобивки и вредности на Народноослободителната и антифашистичка војна, смета Георгиески.

Антифашизмот во денешно време се дефинира како збир на најдобрите, најчесните демократски, хумани и цивилизаторски вредности изборени низ вековните борби на народите. А народот во Македонија по своите историски патила, борби и жртви и изборените цели во нив, по својот род и вера е антифашистички. На новите генерации им следи обврската да бидат побројни, посмели во одбраната – за да им бидат рамни и да ги надминат претходниците. – додава Георгиески.

Поради вонредната состојба во земјава, 9 Мај нема да биде масовно одбележан. Делегација на Сојузот на борци од Охрид и Дебрца, ќе положи свежо цвеќе во Паркот на Револуцијата, во знак на сеќавање на оние кои ги дадоа животите за слободна Македонија.

OhridNews