Веста за „Ohridnews“ ја потврди генералниот секретар на Македонската едриличарска федерација Стефан Ставрев. Тој објасни дека непријатностите започнале пред три дена кога на официјалниот веб сајт на Балканијадата нашата репрезентација била претставена со кратенката ФИРОМ, иако во интернационалната едриличарска федерација таа е примена под привременото име Ф.Ј.Р. Македонија.
– На ова реагиравме усно, но и писмено, но иако инсистиравме до отворањето не добивме информација под кое име планираат да настапиме на Балканијадата. Пред самиот почеток од страна на претставници на организаторите ни беше кажано дека грците се повлечени и дека мораме да ги соблечеме нашите национални дресови на кои пишуваше „Macedonian sailing team“, што беше одбиено од наша страна, објаснува Ставрев.
Тој додаде дека откако репрезентацијата се построила зад таблата на која пишувало „The Former Yugoslav Republic od Macedonia“ организаторот ја прекинал церемонијата, а на репрезентацијата и бил поставен ултиматум или да бидат соблечени националните дресови или да го напушти отворањето.
-Ние не го прифативме ултиматумот и се обидовме повторно да се построиме во што бевме спречени од страна на одредени лица, нашата табла беше тргната, македонското знаме не беше подигнато и не се свиреше нашата национална химна, истакна Ставрев.
Генералниот секретар на ЕФМ ни изјави дека за инцидентот на отворањето на Балканијадата била известена амбасадата на Република Македонија во Белград. По сите непријатности македонските едриличари од клубовите „АМАК СП Бофор“ и „Стрмец“ од Охрид и „Снегар“ од Струга, денеска ја напуштаат Србија и се враќаат дома.