Поради огромниот интерес, претставата „Детектор за лаги“, освен утре, ќе биде на репертоарот и во четврток на 27-ми ноември 2014 година.
-Влезниците за утрешната претстава се продадени уште пред два дена, па поради тоа оваа претстава ќе биде повторно изведена пред охридската публика по седум дена. Влезниците по цена од 100 денари се веќе пуштени во продажба, информираат од охридскиот Народен театар.
Претставата „Детектор на лаги“ е работена по текст на Василиј Сигарев, под режисерската палка на Ненад Витанов. Во претставата играат Јасмина Билаловиќ, Никола Тодороски и Стрезо Стаматовски. За костимите на актерите се погрижи Александра Крнинова Груев, а сценографијата ја подготви Филип Коруновски.
Ова театарско дело е приказна за двајца сопружници кои имаат нарушени односи, а проблемите се обидуваат да ги решат со помош на психијатар – хипнотизер. Но тогаш се откриваат тајните и лагите со кои сопружниците живееле со години и почнува голема театарска комедија….
OhridNews