Поради огромниот интерес, претставата „Детектор за лаги“, освен денеска, ќе биде на репертоарот и 14-ти декември 2014 година, информираа од охридскиот Народен театар. Оттаму велат дека влезниците за денешната претстава се распродадени уште во текот на вчерашниот ден, па поради тоа оваа претстава ќе биде повторно изведена пред охридската публика за околу две недели. Влезниците се по цена од 100 денари и од денес ќе бидат пуштени во продажба.
Претставата „Детектор на лаги“ е работена по текст на Василиј Сигарев, под режисерската палка на Ненад Витанов. Во претставата играат Јасмина Билаловиќ, Никола Тодороски и Стрезо Стаматовски. За костимите на актерите се погрижи Александра Крнинова Груев, а сценографијата ја подготви Филип Коруновски.
Ова театарско дело е приказна за двајца сопружници кои имаат нарушени односи, а проблемите се обидуваат да ги решат со помош на психијатар – хипнотизер. Но тогаш се откриваат тајните и лагите со кои сопружниците живееле со години и почнува голема театарска комедија….
OhridNews