Големото невреме кое ноќеска го зафати Охрид предизвика поплави во повеќе делови на општина Охрид. До регионалниот Центар за управување со кризи во Охрид, во текот на ноќта биле пријавени над 50 случаи на поплавени дворови и приземни катови од објекти.
– Најголем број јавувања имавме од населбите Даљан, Воска, Лескајца, улицата „ Абас Емин“. Екипи од јавните претпријатија Нискоградба и Проаква беа на терен и преземаа акции за побрзо одведување на дождовните води. По 7.30 часот состојбата на поголемиот број места се нормализира, вели раководителот на ЦУК Охрид, Митко Темелкоски .
Голем број граѓани се обратија и до нашата редакција. Револтирани се што проблемите кои се јавуваат при поголеми врнежи од дожд и покрај ветувањата од надлежните не се решиле.
– Целиот двор и приземниот дел од куќата ни беше поплавен со вода од половина метар. Сами преку целата вечер се обидувавме да ја отстраниме водата. Баравме помош и во јавните претпријатија и во противпожарната служба, но никој не дојде да ни помогне. Ова не е епрв пат да ни се поплави куќата при интензивни врнежи од дожд. Од пред 15 години го имаме овој проблем од како патот кој го направија пред куќата е на повисоко ниво од дворот па сега при секои врнежи цела вода ни се слева во дворот. И при поплавите во февруари беше исто, дојдоа и од локалната самоуправа ни ветија обесштетување но ништо од ветувањето до сега, велат жители од улицата „ Стив Наумов“.
Поплаки пристигнаа и од Пештани од каде потенцираат дека состојбата во овој дел од општината е лоша после секои обилни врнежи од дожд.
Според податоците на Управата за хидрометеоролошки работи Охрид е меѓу неколкуте градови во земјава во кои изминатото деноноќие наврнало најмногу дожд. Според мерењата во Охрид наврнале 90 литри на метар квадратен.
OhridNews