Припадниците на Министерството за внатрешни работи (МВР) во вчера попладне и вечерта поради невремето пропратено со град во некои делови на Србија, а најлошо беше во Белград, Краљево, Сјеница, Нова Варош, Крушевац, Смедерево и Ивањица, имаа 91 интервенција низ државата, од кои 20 беа пожари, од кои најголем дел од громови во Белград, јави дописникот на МИА од Белград.

Сите пожари се изгаснати, а повредени лица нема. Пожарникарите спасија 10 лица од поплавените згради и возила, се наведува во соопштението на Секторот за вонредни состојби на МВР.

Во сите интервенции беа ангажирани околу 230 пожарникари, спасувачи, 100 возила и 33 пумпи за вода.

Припадниците на Одделението за вонредни состојби интервенирале и за испумпување на вода од зградите во Белград, Крушевац и Ивањица, а во тек се интервенции во Крушевац, Панчево и Белград.

Количеството на вода што падна не беше ниту во 2014 година, кога имаше големи поплави во Србија. Над 400 луѓе синоќа беа на терен. Во централните општини наврнале меѓу 40 и 50 литри на метар квадратен, а во периферните општини повеќе. При тоа, се што е над 20 литри се смета за катастрофа. Во Земун наврнале 128 литри на метар квадратен, што не е евидентирано – изјави градоначалникот на Белград, Александар Шапиќ, на денешната прес-конференција посветена на обилните врнежи во Белград синоќа.

Во расчистувањето на последиците од силното невреме што го зафати Белград беа ангажирани повеќе од 160 полицајци од различни организациски единици на Единицата за интервенции, Полициската бригада, од полициски станици и противпожарни спасувачи, кои имаа 78 интервенции, од кои 18 за гаснење пожари предизвикани најмногу од удари од гром, соопшти МВР.

Од загрозените делови на градот, меѓу кои од Нови Београд, Бежанијска Коса и Земун, особено населбите Плави хоризонти и Бачки Иловик, евакуирани се над 30 лица, меѓу кои седум само од Бачки Иловик, се наведува во соопштението.

Полициски службеници во сите делови на градот им помогнаа на своите сограѓани кои останаа заглавени во автомобили и автобуси поради поројната вода предизвикана од невремето. Повеќе од 100 луѓе се извлечени од автомобили и автобуси, како и неколку автобуси и околу 50 автомобили се извлечени од водата.

OhridNews