Вработените во секторот за локален економски развој (ЛЕР), вчера започнаа да се селат од просториите на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор.

Причина за присилното иселување на ЛЕР од просториите кај старата автобуска се неподмирените обврски кон јавното претпријатие, ни изјави директорот подрачната единица – Охрид,  Кирил Луканов.

“Поради не исполнувањето на обврските од договорот за закуп на деловниот простор склучен со локалната самоуправа, а кое се состои во неплатена закупнина за користење на просторот во висина од 1.600. 000 (еден милион и шестотини илади денари) се пристапи кон присилно извршување од страна на овластен извршител заради испразнување на деловниот објект и враќање во владение на сопственикот“, ни изјави Луканов.


Вработените во ЛЕР мораа до 16.00 часот
да ги испразнат просториите

Закупецот деловниот објект го има од октомври 2005 година и до денешен ден нема платено ниту една закупнина. “Покрај повеќекратните обиди и преговори за надминување на состојбата, како и прифаќање на нивното барање за плаќање на заостанатиот долг на рати, не беше извршена никаква уплата“, вели Луканов.


Наместо локален развој – промена на локалот

Луканов информира дека ЈП-тие пристапило кон присилно иселување на ЛЕР поради неможност да се реализира спогодбата со локалната самоуправа, како и за да се заштиити имотот на државата. Првично иселувањето требаше да се реализира на 2 мај, но на барање на раководителот на ЛЕР, тоа беше одложено за денеска, информираше Луканов, кој најави дека ЈП за стопанисување со станбен и деловен простор нема да ги толерира неплаќачите без оглед дали тоа се приватни фирми или се работи за локални самоуправи.

Од секторот за ЛЕР, денеска не сакаа да го коментираат иселувањето. Молчи и локалната самоуправа која најави дека официјалниот став ќе го деновиве.

Г. Момироски
С. Костоски