Неконтролираното градење и уништувањето на природните добра на крајбрежјето е главната причина поради која државата ќе ги врати во владение плажите на Охридското Езеро, истакна министерот за транспорт и врски Горан Сугарески при денешната посета на Охрид. Тој рече дека е запознаен со случувањата на струшкото крајбрежје, каде изминатиот период имаше повеќе случаи на палење на трската и одредени градежни активности, за кои општината тврди дека се на приватни имоти. Градежниот инспекторат извршил вонреден надзор и издал соодветни решенија, а доколку општината не постапи по истите, тоа ќе го стори државата, најави Сугарески.

За мене законот е еднаков за сите и апсолутно се што станува збор за дивоградби со донесени решенија ќе се постапи соодветно. Не со префрлање на одговорноста од една на друга институција. Во оваа држава институциите се со јасни ингеренции, така што доколку не реагира општината која има градежни инспектори, тоа ќе го направи државата, односно државниот инспекторат. Префрлање на одговорноста, јас не сум надлежен, нема да го прифатам. – изјави Сугарески.

Општина Охрид смета дека преземањето на надлежностите врз плажите од државата е позитивен момент, кој ќе придонесе за решавање на бројните проблеми.

Се покажа дека во изминатиот период општините имаат потешкотии во однос на менаџирањето на плажите, пред се поради одредена луцидност на системот и на сопствениците и на концесионерите и пропусти кои што се направени во минатото. Тие процедури за издавање на плажите во минатото моментално се заглавени во судски лавиринти. Ние како општини имаме ограничени ресурси во однос на менаџирање на плажите и сметам дека и одредени локални влијанија кои што ги има во моментов ќе бидат исклучени доколку ингеренциите над плажите бидат во надлежност на државата. – изјави Константин Георгиески – в.д. градоначалник на Охрид.

Законот со кој државата ќе ги преземе ингеренциите врз крајбрежјата на езерата, во собраниска процедура ќе влезе наредната недела. Министерот за транспорт и врски, кој денеска изврши обиколка на градежните работи на транзитната сообраќајница „Туристичка“ во Охрид, смета дека има доволно време да се воведе ред на плажите, без тоа да влијае на туристичката сезона која е на прагот.

Г.М.