Имено, како наставник по еден од техничките предмети во турските паралелки назначено e лице, кое иако е стручно по предметот, не го знае турскиот јазик, а само делумно го познава македонскиот.
– Овој наставник не само што не може да предава на турски јазик, туку воопшто не може да предава ни на македонски, а нашите деца не го познаваат албанскиот. На првиот час наставникот почнал да предава на албански јазик и кога увидел дека децата не разбираат, се обидел тоа да го направи на македонски но со тешкотии, велат родителите.
Според нив, овој проблем се повторува неколку години наназад и како што велат, директорот на училиштето, иако знае дека горенаведениот наставник не го познава турскиот, на почетокот на секоја учебна година го назначува да им предава на учениците кои ја следат наставата на турски јазик. Откако ќе реагираме, се обидува да најде друго решение, објаснуваат родителите.
Од Секторот за образование при Локалната самоуправа објаснуваат дека станува збор за привремено изнудено решение кое се наметнува поради недостатокот од соодветен кадар за тоа работно место на ниво на општина Охрид.
– Ова решение е изнајдено за да не дојде учениците да губат дел од наставата. Штом се најде соодветен наставник за ова работно место, кој наставата би ја вршел на турски јазик веднаш би го ангажирале, објаснуваат од Локалната самоуправа.