До спортската редакција на Ohridnews стигна допис од кајакарските екипи од Охрид и Струга, „Ехо“ односно „Црн Дрим“ кои не се дел од меѓународната регата која ќе се одржи во недела, 6-ти септември, во водите на Охридското езеро во организација на кајакарскиот клуб „Стрмец“ од Охрид.


Во дописот двете екипи прашуваат зошто не се поканети на меѓународната регата за која младите спортисти, меѓу нив добар дел деца неуморно тренираат и се подготвуваат.

– Секогаш треба да го ставаме интересот на децата во прв план. Тие губат најмногу бидејќи ние ги тераме да тренираат, а не им даваме можност да настапат на соодветни натпревари. – стои во дописот од двата клубови.


Ohridnews контактираше и со домаќинот на меѓународната регата екипата на Стрмец, а преставникот на клубот рече дека проблемот во кајакарската федерација-комитет за спринг на мирни води ги натерал да не упатат покани до наведените клубови.

-Нивните ветувања пред почетокот на регатата се уште не се остварени и ние како организатори моравме соодветно да реагираме. –велат организаторите.

На меѓународната регата ќе учествуваат екипи од Бугарија, Полска и Грција, а единствен македонски претставник ќе биде охридскиот клуб „Стрмец“, иако на брегот на Охридското Езеро има уште два клуба, „Ехо“ и Црн Дрим“.

Младите спортисти од овие два клуба поради наведените причини од страна на организаторот нема да учествуваат на регатата, што фрла темна дамка на натпреварот, дотолку повеќе што тој е од меѓународен карактер и претстсваува ретка можност кајакарите од Охрид и Струга да ги одмерат силите со своите врсници од другите земји. 

Ohridnews