Поради нарушување на јавниот ред и мир, долгови кон ЕВН и издавање на социјалните станови на трети лица,годинава од социјалните згради во Охрид иселени се три семејства, а опасност од иселување му прети и на уште други четири до пет семејства. Директорот на подрачната единица на АД за Изградба Стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија, Гоце Георгиески, апелира до жителите во социјалните станови навреме да ги подмируваат своите сметки и да ги почитуваат обврските од склучените договори.
– Сметките согласно договорите мора да бидат навремено плаќани и подмирувани, а нас како акционерско друштво редовно мора да не информираат дали долговите се платени во целост. Има заостанати долгови кон сите јавни претпријатија и затоа мора заеднички да се реши овој проблем. Случаите при кои дошло до иселување е и поради непочитување на јавниот ред и мир , голем долг кон ЕВН кој може потоа да го наследиме ние како акционерско друштво , како и поради издавање на социјалните станови на други лица особено во летниот период. Има многу загрижени граѓани на кои им се потребни станови, а некои кои ги добиле ги издаваат на други, тоа не смее да се дозволи. А има и случаи на неовластено преземање на струја од други станови што е опасна работа која може да доведе и до пожар во целата зграда и да се предизвика голема штета, вели Георгиески.
Ваквите проблеми беа посочени на денес одржаната трибина што се одржа во подрачната единица на АД за Изградба Стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија со цел превенција и изнаоѓање на решенија за проблемите со кои се соочуваат семејствата од ранливите категории на граѓани во Охрид.
Од друга страна жителите со поплаки околу условите за живеење во зградите.
– Задоволни сме поради добивањето на становите, но лифтот во зградата веќе подолг период не работи. Оперирана сум, имам тешка работа и болна ќерка и затоа лифтот ни е повеќе од неопходен. А и хигиената треба да се подобри. Сега има и картици и клучеви за да може да се воспостави ред при користењето на лифтовите, вели жителка во една од социјалните згради во Охрид.
Георгиески со објаснување дека лифтовите во зградите не се во функција поради несовесното користење од дел од жителите поради што постои опасност да дојде до заглавување на лифтовите и други несакани последици, но ветува дека ќе се разгледаат можностите за изнаоѓање на соодветно решение.
Жителите со барање и за поставување на забавувачи на брзината за возилата, а се жалат и на честото нарушување на јавниот ред и мир.
– Најчести се случаите на нарушување на јавниот ред и мир со физички напади и тепачки при што полициските службеници реагираат навреме и се поднесуваат барања за формирање на прекршочна пријава, информираат од СВР Охрид.
На трибината беше наведена и потребата за изградба на дополнителни седумдесеттина социјални станови со цел да се задоволат потребите на семејствата од ранливите категории граѓани во Охрид.
OhridNews