Иако нивото на Охридското Езеро денес е без промена во однос на вчерашниот ден, со што бележи тридневна стагнација на водостојот од 24 сантиметри над дозволеното ниво, опасност од излевање сеуште постои. Ова се должи на фактот што како превентивна мерка од излевање, надлежните денес најавија, поставување на нови заштитни наспипи на крајбрежјето. Оваа одлука, ја донесе Координативното тело на Владата, за справување со последиците од излевањата, заради најавите од Хидометеролозите, дека кон крајот на неделата се очекуваат нови врнежи од дожд.
Според соопштението на Центарот за управување со кризи, екипи на ЈП Македонија пат и Дирекцијата за заштита и спасување, ќе поставуваат дополнителни камени насипи во селото Пештани, а во најниските и најкритичните делови на Охрид и Струга, ќе се поставуваат вреќи со песок. Покрај деловите на крајбрежјето каде што и до сега се преземаа заштини мерки, најевено е дека заштини насипи ќе се постават и во градското подрачје на Охрид, поточно во делот на Пристаништето и Кејот на Охридското Езеро. Активностите ќе се спроведуваат во соработка со локалните самоуправи.
Според последните мерења, реките од сливното подрачје на езерото, денес бележат опаѓање на нивото, а преку портите на Црн Дрим во Струга се испуштаат 60 метри кубни во секунда. Езерото Глобочица има намалување на нивото за два сантиметри споредено со мерењето вчера, а преливот е намален за 9 сантиметри. Дебарското езеро е стабилно и се овозможува испуст на водата, додека нивото на реката Радика која се влева во него е со намален водостој.
Според извештајот на АМСМ, поради висок водостој на реката Црн Дрим, на патниот правец Струга-Дебар, сообраќајот за патничките возила се пренасочува од Луково до Прискупштина и обратно по локалниот пат во должина од 4 км. Товарните возила се движат по главниот пат, но се препорачува на исклучителна внимателност.