Од СВР Охрид информираат дека нивните служби секојдневно вршат усмено и писмено предупредување на несовесните учесници во сообраќајот, со цел да се избегнат посериозни последици.
На најфреквентните улици во градот, како што се Булеварот Туристичка и улицата Јане Сандански, секојдневно се случува пешаците наместо на обележан пешачки премин, улицата да ја преминат каде што нив им е најзгодно, при што го доведуваат во опасност својот живот, велат од СВР- Охрид.
При тоа мора да се напомене дека истиот ризик по својот живот пешаците го превземаат и доколку се решат да преминат на пешачки премин, затоа што изгледите некој возач да застане и да пропушти пешак се многу мали. Најголемиот број возачи воопшто и не помислуваат на можноста да го пропуштат пешакот на обележаниот премин, дури се случува со свирење да изразат револт што пешакот се осудил на таков чекор- да премине улица на пешачки.
Во текот на месец јуни, во рамки на превентивните активности, 76 пешаци добиле усмено предупредување за неправилно преминување на улица, а опоменати биле и моторциклисти кои возеле без кацига.
Против 78 возачи биле поднесени прекршочни пријави. Најголемиот број од нив поради возење нерегистрирани возила, управување на возилото без возачка дозвола, возење под дејство на алкохол, возење со преголема брзина, како и не почитување на законските прописи во однос на ставањето на појас и зборување на мобилен телефон додека возат.
Од СВР Охрид велат дека деновиве, со оглед на поголемиот број учесници во сообраќајот поради туристичката сезона, е засилен мониторингот низ охридските улици.