За прв пат по возобновувањето на традицијата, на почетокот од 90-те години на минатиот век, нема да има организирани богојавленски свечености на градското пристаниште во Охрид по повод празникот Водици.

Поради здравствената криза предизвикана од Ковид 19 и мерките за спречување на ширењето на заразата, Дебарско – кичевската епархија и Општина Охрид, нема да ја организираат традиционалната свеченост за празникот Водици. Тоа значи дека нема да има литии од црквите кон пристаништето, ниту богослужба на отворено, а  исто така од пристаништето нема да се фрла крстот во осветените езерски води.

Информацијата за OhridNews ја потврдија Општина Охрид и Дебарско – кичевската епархија.

Поради панедемијата на Ковод 19 официјално нема да има масовно одбележување на празникот Водици на градското пристаниште во организација на Дебарско-кичевската епархија, на начин на кој тоа се правеше изминатите години. Празникот Богојавление – Водици ќе биде одбележан духовно во црквите на Дебарско – кичевската епархија со утрински богослужби и осветување вода. Потоа свештеник од Варош таа света вода ќе ја истури во Езерото, со што тоа симболично ќе биде осветено. – изјавија за OhridNews oд Дебарско – кичевската епархија.

Поради актуелната здравствена состојба традиционалната крводарителска акција за Водици на Црвениот крст, ќе се одржи во Центарот за култура.

Г.М.