Поради најновиот развој на настаните поврзани со корона вирусот, нискобуџетната авиокомпанија „Визер“ времено ги откажа летовите од аеродромите во Охрид и Скопје кон Милано, односно Тревизо во Италија. Според најавите овие летови ќе бидат суспендирани до 3 април.

Повеќе летови на „Визер“ се откажуваат. Патниците со букирани карти автоматски се информираат за одлуката преку електронска пошта. Тие, како и патниците кои купиле авио карти директно на веб страницата на „Визер“ или преку мобилната апликација, имаат можност да бираат да бидат превезени до најблиска друга дестинација во разумен рок или целосно да им бидат рефундирани средствата. – информира компанијата на својата веб страница.

На официјалниот распоред на летови на компанијата „Тав“, поврдено е откажувањето на летот од аеродромот „Св. Апостол Павле“ на 9 март.

Поради ширење на корона вирусот, Италија денеска стави во изолација 15 провинции, меѓу кои и Ломбардија, каде се наоѓа аеродромот „Малпенса“ (Милано), дестинација кон која „Визер“ лета од aeродромот „Св. Апостол Павле„ во Охрид.

Г.М.