Иако продал 3000 шишиња пиво, белгискиот ланец супермаркети „Дележ“ не заработил ништо поради грешка во рекламната порака објавена на својата продажна интернет страница. За време на промотивната акција која траела од четвртокот до неделата, супермаркетите нуделе снижување од 2,49 евра за секое купено шише пиво од марката “grimbergen”, што всушност била фактичката цена за едно шише. Во „Дележ“ веруваат дека станува збор за информатичка грешка.

Портпаролот на компанијата изјавил дека штом забележале веднаш ја стопирале акцијата, додавајќи дека ќе испорачаат пиво на сите оние кои го нарачале, и тоа по промотивната цена, односно бесплатно. Бројот на среќните клиенти не е познат, но компанијата направила пресметка дека биле нарачани вкупно 3000 шишиња. Најголема нарачка направило едно студентско здружение од каде нарачале илјада шишиња.