Мартина Мицевска и Стојан Поповски триумфираа на Државното првенство во триатлон што денеска се одржа во Струга, во организација на НВО „Алфа и омега“ и Локалната самоуправа. Мицевска во Струга ја одбрани титулата која ја освои минатата година, на целта таа стигна со време од 54 минути и 26 секунди, второ време оствари Симона Трајановска.

„Временските услови беа извонредни, мене во целост ми одговара топлото време. Задоволна сум што успеав да ја одбранам ланската титула“, изјави за „Макфакс“ ппобедничката Мицевска.

Кај сениорите, Стојан Поповски и пред стартот важеше за најголем фаворит во својата конкуренција, трката ја заврши со време од еден час, 7 минути и 41 секунда. Зад победникот целта ја минаа домашниот натпреварувач, Никола Кутаноски и Михајло Трајковски.

„Трката беше беспрекорно организирана. Ова за мене е трета последователна шампионска титула,  а од 2004 година не сум поразен во Македонија“, вели Поповски.

Трката за него е подготвителна за настап на Светското првенство, кое за две недели ќе се одржи во Будимпешта и Балканскиот куп кој на 17 септември ќе се одржи на Пелопонез.

„На Светското првенство ќе бидам единствениот од Македонија. Очекувам пласман во првата половина, што за мене како најмлад во таа конкуренција ќе биде голем успех. На Балканскиот куп се надевам дека ќе бидам меѓу најдобрите шест“, вели за Макфакс, Стојан Поповски.

Триатлонската патека во јуниорска конкуреција беше со должина од 18.500 метри, во оваа конкуренција победи Лука Гаревски, целта ја мина со време од 48 минути и 50 секунди.

„Трката беше многу напорна. Триатлонот бара многу посветеност и работа. Сепак болката е само привремена, златниот медал ќе остане вечен. Ова ми беше добра подготовка за Балканскиот куп на 17 септември на Пелопонез“, изјави Гаревски.

Зад Гаревски во јуниорска конкуренција трката ја завршија Стефан Вуков и Костадин Несторов.

Триатлонот е комбинација на три дисциплини, пливање, возење велосипед и трчање. На стартот на трката се појавија дваесет натпреварувачи, должината на патеката изнесуваше 25.750 метри.

OhridNews
извор: „Макфакс“