„Како НУ „Охридско лето“ сме посебно горди што пијанистката и професорка Снежана Анастасова-Чадиковска денеска ја прими највисоката награда за врвни достигнувања во областа на културата и уметноста, државната награда „Св. Климент Охридски“, изјави директорката на НУ Охридско лето, Наташа Поповиќ.
Севкупноста на професионално-музичката дејност на Снежана Анастасова -Чадиковска е длабоко вткаена во фестивалот. Со јасна цел и фокус за националниот интерес во повеќедецениското постоење на „Охридско лето“, таа е еден од клучните носители на неговото документирање, програмскиот развој и меѓународната афирмација“. Оваа награда е доказ дека сме на вистинскиот пат да продолжиме да ја создаваме убавината на уметноста, тука на фестивалската сцена на „Охридско лето“, рече Поповиќ.
Поповиќ вели дека пријавата што ја достави НУ „Охридско лето“ до Одборот за доделување на државната награда „Св. Климент Охридски“ го содржи трајното сведоштво во монографските записи за фестивалот на Снежана Анастасова-Чадиковска која низ изминативе 61 година е автор на петте монографии за „Охридско лето“ во 1980, 1990, 1995, 2000 и во 2010 година.
Вредностите доколку не се запишат и не се зачуваат лесно бледнеат. За среќа целокупната вредност е содржана во монографиите чиј автор е Снежана Анастасова-Чадиковска. Најзините пишани траги нè прават горди што сме дел од успешната приказна наречена „Охридско лето“. Интенцијата како автор да создаде дело насочено кон збогатувањето и разнообразноста на сознанијата за фестивалот „Охридско лето“, за неговиот почеток, развој и културолошко значење, е од непроценливо значење за фестивалот „Охридско лето“, вели Поповиќ.
На свеченоста по повод доделувањето на државната награда „Свети Климент Охридски“ присуствуваа, претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски кој е и покровител на фестивалот „Охридско лето“, претседателот на Собранието, Таљат Џафери и министерката за култура, Ирена Стефоска.
OhridNews