Над 800 врвни уметници и докажани театарски куќи од 24 земји, но и многубројна публика ќе го одбележат 64-то издание на фестивалот „Охридско лето“. Гледалиштата на Античкиот театар, црквата Св.Софија, предворјето на Св. Софија, Долни Сарај, и Центарот за култура беа исполнети до последно место, а тоа ни дава за право да кажеме дека понудивме квалитет со кој го оправдавме епитетот на препознатлив и единствен Фестивал, истакна на денешната прес конференција по повод свеченото затворање на годинешното издание, директорката Наташа Поповиќ.
За повеќето настани се бараше карта повеќе, а бележиме и рекордна посетеност на странската публика. Според нашата статистика во Дирекцијата на гледалиштата годинава имаше над 20 илјади љубители на музиката и тетатрот. Најпродавани се секогаш картите за отворањето и затворањето на Фестивалот, најпосетени, затоа што и капацитетот на Антички театар го дозволува тоа, 2,5 илјади луѓе да седнат, некогаш и 3 илјади. Капацитетот на гледалиштата на различните сцени е различен, но беа преполни сите. Да се биде на чело на една вака врвна манифестација, која повеќе од половина век е собиралиште на најпознатите уметници и врвните театарски куќи, да се сочуваат високите критериуми и богатата традиција, значи макотрпна работа, многу труд, многу откажувања но значи и огромна чест и привилегија. Токму затоа, на крајот од ова 64 фестивалско издание со гордост можам да кажам дека ваквата посветеност донесе изминативе 40 вечери да имаме исклучително квалитетна програма, потенцираше Поповиќ.
Посочи дека квалитетната програма зависи и од умешноста на самите селектори, изразувајќи благодарност до Бисера Чадловска и Сања Арсовска, две истакнати уметници и културни работници, добро познати на домашната и меѓународната музичка и театарска јавност, кои зад себе имаат богата професионална кариера, како и до тимот на „Охридско лето“, кој, како што рече, умее и знае како треба да се работи професионално, знае како да се справи со сите предизвици.
Неспорен е фактот дека за вака врвен Фестивал кој е презентер на македонската култура и уметност огромно значење има поддршката од Претседателот на државата кој е и Покровител на Фестивалот, Министерството за култура како институција која финансиски го подржува Фестивалот, Општина Охрид, како и нашите верни спонзори и пријатели. Нивната поддршка претставува пример како треба да се негува и одржува еден фестивал. Големината на Охридско лето е секако заслуга и на поддршката од Амбасадите во Република Северна Македонија. Годинава на мое огромно задоволство имавме 13 дипломатски вечери што секако е доказ дека бележиме успех и во делот на меѓународната размена на уметниците и културата, додаде Поповиќ.
Потенцираше дека фестивалот „Охридско лето“ како дел од Европската Фестивалска Асоцијација ќе продолжи да ги негува високите културни вредности за да го задржи епитетот на високо реномиран европски фестивал.
Н.С.Ј.