По повлекувањето на Горан Пандев од селекцијата иста таква одлука довел и Николче Новески, кој беше столб на бедемот пред голот на македонската фудбалска репрезентација.
– Новески ми истакна дека размислува за крај на репрезентативната кариера. Побара да размисли до крајот на оваа сезона, бидејќи веќе ги чувствува годините како товар. Кога ќе почнат квалификациите, тој ќе има 36 години. Но, Николче заслужува да му биде организиран проштален натпревар доколку се откаже, а доколку изрази подготвеност да игра, за него секако ќе има место во националниот тим – рече селекторот Бошко Ѓуровски, а пренесува „Мкд.мк“.
Да не биде сентиментално во селекцијата на Македонија се погрижи токму селекторот, кој во А репрезентација го врати Горан Попов од редовите на Премиерлигашот ВБА. Тој доби шут карта од претходниот селектор Чеде Јаневски по караницата која ја имаше после мечот со Хрватска.
– Попов е еден од нашите најдобри фудбалери што играат во странство. Слушнав за проблемите, но сметам дека заслужува да му подадам рака. И Попов, а и секој друг репрезентативец, треба да сфати дека не игра за ФФМ или за селекторот, туку дека игра за Македонија. Поради тоа верувам дека со односот и со игрите ќе покаже дека го заслужува повикот – потенираше Ѓуровски.
Во отсуство на Новески и Пандев и дел од репрезентативците кои се помлади и ќе бидат на располагање на У21 селекцијата, Ѓуровски врати неколку фудбалери кои порано го бранеле „црвено жолтиот“ дрес за дуелот со Литванија. Тоа се Марио Ѓуровски, Муарем Муарем, Стефан Спировски и Бесарт Ибраими и дебитантите Крсте Велкоски и Кире Ристевски.
– Повикав фудбалери за кои што мислам дека можат да ги реализираат моите планови. Спировски играше во времето на Џон Тошак, исто како и Муарем и Ѓуровски. Ибраими, пак, игра во одлична форма на Кипар и заслужи повик. Од Роберт Јарни, тренерот на Сараево, слушнав многу убави зборови за Крсте Велкоски, а знам дека е поливалентен и брз напаѓач од неговите настапи за Работнички – заврши селекторот.
Ѓуровски на контролниот натпревар со Литванија ќе го има официјалното деби на клупата од македонска фудбалска репрезентација, а со новитетите најави промени во селекцијата.
Мх.П.