Во Општина Чачак, во Србија, прогласена е вонредна состојба поради излевање на реката, а слична е ситуацијата во неколку соседни општини, јавуваат српските медиуми, по силниот дожд кој го зафати овој дел на земјата. Од неколку села околу Чачак, досега евакуирани се 420 луѓе, чии куќи и помошни простории, како и ниви се поплавени по излевањето на реката Чемерница, велат од Штабот за вонредни состојби.
На седницата на Штабот имало информација дека една куќа изгорела поради прекин на електричните кабли, а во неа имало две постари лица, од кои жената била неподвижна, но биле спасени. Сите евакуирани луѓе се сместени во прифатилишта кои се опремени за тоа, како Домови на културата во селата и прифатилиштата во Чачак. По излевањето на реките во општините Чачак, Лучани, Ариље и Бајина Башта, прогласена е вонредна состојба, водените текови растат, а наложена е евакуација на најзагрозените.
Вонредна состојба од поплави прогласена е и на териториите на општините околу реките Кубушница, Јасеница и Велики Луг. Прекината е испораката на вода за пиење кон пет градови, и тоа кон Чачак, Ариље, Пожега, Лучани и Горњи Милановац, поради дефектот на водосистемот кој настанал при поплавите.
OhridNews
извор Макфакс