По 19 години државата ja спроведе најсложената статистичка операција – Попис на населението, домаќинства и становите. Сериозноста и големината на операцијата само ја покажува тоа што ова е прв попис по многу параметри – прв по речиси две декади, првпат во пандемија, првпат со комбиниран метод, прв на кој се попишува дијаспората и најважно од се, наспроти сите предизвици успешно завршен.

Податоците од пописот, кои треба да се објават до крајот на март годинава, ќе бидат основата врз која ќе се носат сите политики во следните десетина години – од инфраструктурни инвестиции, здравствени и образовни политики, до одлуки за странски и домашни бизнис инвестиции.

Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски во изјава за МИА, вели дека е горд што со успешно спроведениот попис, покажале дека Државниот завод за статистика е професионална и стручна институција во која работи професионален и стручен кадар, како и дека Република Северна Македонија за 2-3 месеца конечно ќе добие податоци со кои ќе може да го планира идниот развој на државата и да креира политики соодветни на реалната состојба од кои полза ќе имаат сите.

Во текот на целата година нашите напори беа насочени кон конечна реализација на оваа активност истовремено справувајќи се најнапред со пандемијата, а секако и со големиот број на опструкции кои доаѓаа од различни страни – политички повици за бојкот, дебатирања и спротивставени мислења во однос на методологијата и новиот комбиниран начин на спроведување на Пописот. Но, и она што не го очекувавме, а се случи – огромниот број на хакерски напади на самата пописна апликација и на комуникациските канали на Државниот завод за статистика. Сите овие случувања за нас се една огромна лекција – научивме дека со искрена желба за успешна реализација на поставената цел, со посветеност и истрајност може да се надминат сите предизвици и да се покаже дека нашата институција и вработените во неа се, всушност, една успешна приказна од која сите можат да научат нешто, вели Симовски.

За тоа кога ќе можеме да кажеме дека пописот е завршен, Симовски вели дека на 30 септември 2021 година заврши теренскиот дел од Пописот, а веќе од 1 октомври започна следната фаза – обработката на податоците и дека тој ќе заврши со објавувањето на последниот сет од предвидените податоци за објавување и доставувањето на податоците во Евростат заради меѓународна споредба.

Засега сè се одвива според планот. Тимовите кои се задолжени за одредени фази од обработката работат со утврдената динамика, не се пријавени никакви пречки и застои, така што веруваме дека ќе го испочитуваме законскиот рок и до крајот на март 2022 година ќе го објавиме првиот сет на долгоочекуваните податоци од Пописот. Треба да се има предвид дека овој Попис се спроведе со нов комбиниран метод, така што и самата обработка е нешто ново за нас. Но, со меѓународна експертска помош и со проучување на најновите технички решенија во оваа област, успешно ќе ја постигнеме целта, а тоа се квалитетни и максимално веродостојни податоци кои ќе послужат за креирање на иднината на земјата, но и на секој еден од нас, посочува Симовски.

Децении наназад, според него, миграциите на населението се клучен проблем во нашата земја. Одењето на гурбет во други, економски подобростоечки земји, е карактеристика на овој регион уште од крајот на 18-тиот век. За жал, и денес, кога движењето на луѓето е многукратко олеснато, иселувањето на нашите граѓани не само што не запира, туку добива во интензитет, вели Симовски.

Се иселуваат главно млади луѓе, кои треба да го носат како економскиот, така и демографскиот развој на земјата. За жал, евиденцијата на овие иселувања речиси целосно изостанува, а е еден од клучните елементи за дефинирањето на населението во земјата. Проблем е и што нашите граѓани кои го менуваат своето место на живеење во рамките на државата, и покрај законската обврска, или воопшто не ги менуваат своите лични документи согласно со новите адреси, или тоа го прават со големо задоцнување (кога треба да остварат некакво право). Клучно за Пописот е да обезбеди податоци за територијалниот распоред на населението, нагласува Симовски.

OhridNews