Името на Евгениј Поп Ацев со златни букви е испишано во историјата на Охридскиот пливачки маратон откако тој стана првиот Македонец кој прв ја мина патеката „Климе Савин“.


– Многу ми значи победата на Охридскиот пливачки маратон што е остварување на мојот детски сон. До тоа стигнав трпеливо и чекор по черкор. Прва цел ми беше да учествувам и да го испливам целиот маратон. Потоа од година во година се зголемуваа амбициите и еве оваа ми се оствари главната цел. – рече Поп Ацев.


До триумфот Поп Ацев стигна во возбудлива завршница побегнувајќи му на останатите конкуренти во последните 20 метри.

– Сите тактизиравме до последните километар – километар и пол од трката и затоа некако се успори темпото. Што се однесува до трката имавме малце проблеми со ветрот и струењето во водата, но условите беа фантастични што говори возбудливиот финиш. – истакна победникот на Охридскиот маратон.


Со 15-те бодови од маратонот во Охрид македонскиот пливач ја продолжи борбата за титулата во Гран при серијата под капата на ФИНА.

– Веднаш после Охридскиот маратон мораме сите да се фокусираме на следниот маратон во Капри, Наполи кој ќе одлучува за шампионот оваа година. Имам само неколку дена да се одморам и почнувам со подготовките за последниот и одлучувачки маратон. – заврши Поп Ацев.

Ohridnews