Македонскиот пливач Евгениј Поп Ацев добрата форма во далечинското пливање на отворени води ја потврди во Хрватска завршувајќи на втората позиција на маратонот „Нови“.

Поп Ацев во неизвесен финиш, заврши со три секунди задоцнување во однос на Италијанецот Едуардо Стокино кој победи со време (4 часа, 18 минути и 3 секунди). На третата позиција финишираше Франческо Гетини.

Со освојувањето на сребрениот медал, Поп Ацев го задржа првото место во генералниот пласман и со минимална предност во однос на Стокино ќе го започне финалниот маратон во Капри кој ќе одлучува за титулата.

Вториот македонскиот претставник, Александар Илиевски заврши 12-ти со време 4.28.33. Во женска конкуренција најдобра беше германската пливачка Анџела Мауер, а на пиедесталот се искачија уште Аличе Франко (Италија) и Ромина Имвинкелрид (Холандија).

Последната трка во Капри ќе се одржи на 7 септември.

OhridNews