Убеден сум дека Северна Македонија ќе биде силна земја сојузник во НАТО и сигурен сум дека Сенатот на САД оваа есен ќе го одобри Протоколот за членство, со што и формално ќе ви посакаме добредојде во Алијансата, рече државниот секретар на САД, Мајк Помпео, на прес конференцијата во Охрид, одржана по средбата со македонскиот премиер, Зоран Заев.
Помпео нагласи дека справувањето со корупцијата и владеењето на правото се клучни за пристапувањето на Македонија кон ЕУ и НАТО.
- Како светски лидер во демократијата, Америка поддржува земји кои се цврсто посветени на владеењето на правото. Ги поздравуваме чекорите кои вашата Влада ги презема да се бори против корупцијата и секого кој ја злоупотребува положбата довербата на јавноста. Борењето против корупцијата е клучно за вашето пристапување во ЕУ и НАТО, но уште поважно е да демократијата и вашиот народ. Одлично е да се биде тука. Многу зборуваме за тоа како овој регион и оваа земја им се важни на САД, но едно е да се зборува за тоа, друго е кога ќе го манифестираме тоа со доаѓање тука, рече Помпео.
Помпео го поздрави постигнувањето на Преспанскиот договор и на договорот со Бугарија, за кои оцени дека го подобруваат врските и стабилноста на Балканот.
Помпео говореше и за влијанијата на Кина и на Руската фередација во нашиот регион, додавајќи дека САД ќе продолжат да бидат партнер со нашата земја.
- Срцата и умовите на граѓаните на Северна Македонија треба да ја водат државата напред, а не руските ботови на социјалните медиуми. Би сакал да ве предупредам и за учеството на Кина во полето на чувствителните технологии и нивната стратегија на подмитување при обезбедувањето на зделките. Претседателот Трамп во Обединетите нации рече дена иднината им припаѓа на суверени и независни држави, коишто ги штитат своите граѓани и ги почитуваат соседите. Северна Македонија го одразува овој дух. САД ќе продолжат да бидат партнер со вас за доброто на вашите граѓани, за регионот и за светот“, рече Помпео.
Премиерот Зоран Заев, пак, се заблагодари на поттикот и поддршката од САД за членството во НАТО и порача оти очекува наскоро добри вести и од САД за протоколот за пристапување.
- САД се докажан пријател и поддржувач на Северна Македонија. Денешната посета на државниот секретар Мајк Помпео е силен сигнал за поддршката на САД за нашата земја, за нашите евроатлантски интеграции и потврда дека продолжуваме да ја продлабочуваме соработка, рече премиерот Зоран Заев по сердбата. Северна Македонија е посветен стратешки партнер на САД. Американскиот народ е пријател на македонскиот народ, и на сите народи кои живеат во нашата земја.Имамаме политички и историски причини да го одржување и зајакнуваме нашето пријателство. Дел од нив се нашите заеднички заложби и вредности за безбедност, слобода и демократски просперитет во регионот и заеднички активности во борбата против тероризмот и другите закани за мирот ширум светот. Подготвени сме со уште поисилно темпо да учествуваме во сите глобалните иницијативи кои се конфронтираат на дезинформациите и заканите по демократијата, рече Заев.
За десеттина дена, истакна премиерот, ја очекуваме и веста од Брисел за отворање на преговорите за членство во ЕУ. Тоа ќе има силно позитивно влијани на целиот регион и значи награда за напредокот и полтичката храбтост.