Владата на синоќа одржаната седница, донесе одлука да побара од НАТО да бидат активирани механизмите за цивилна заштита во услови на вонредни состојби на Евро-атлантскиот Центар за координиран одговор во случаи на катастрофи (Euro-Atlantic Disaster Response Coordination Centre – EADRCC). За таа цел задолжи работна група предводена од Секретаријатот за европски прашања, кој ја координира меѓународната помош, да подготви листа на приоритети за кои е неопходна идна асистенција од овие механизми.
На седницата е разгледана и усвоена Информацијата за привремена пренамена на расположливите ИПА средства од соодветните девизни сметки наменети за имплементација на ИПА програмите во буџетот на Република Северна Македонија, во функција на справување со кризата настаната како резултат на вирусот Ковид-19, и го задолжи Министерството за финансии да побара одобрување од соодветните служби на Европска комисија за привремено користење на преостанатите салда на ИПА средства од програмите ТАИБ 2009, ТАИБ 2010, ТАИБ 2011 и ИПА Компонентите III, IV и V со цел справување со кризата.
По добиената согласност од страна на Европската комисија, Министерството за финансии ќе ги префрли средствата на соодветни сметки кои ќе бидат наменети во функција на справување со кризата настаната како резултат на вирусот Ковид-19, информира Владата.
OhridNews