Механизмот за цивилна заштита на ЕУ мобилизира дополнителна помош за земји членки и Албанија за справување со летните шумски пожари, јави дописничката на МИА од Брисел.
Франција, Португалија и Албанија моментално се соочуваат со големи шумски пожари, за што Механизмот за цивилна заштита на ЕУ собира помош од земјите учесници во Механизмот, па така Италија испрати два противпожарни авиона во Португалија, која минатата недела веќе доби помош од Шпанија преку овој Механизам.
Франција добива два противпожарни авиона од Грција, а Грција испраќа уште два такви авиона во соседна Албанија.
Механизмот за цивилна заштита на ЕУ е алатка за итно справување со природни и хуманитарни катастрофи, во него учествуваат земјите членки на ЕУ, но и трети земји, меѓу кои и Северна Македонија.
Еврокомесарот задолжен за Механизмот, Јанез Ленарчич, изјави дека и покрај лошата состојба во Европа поради екстремните температури, земјите членки покажуваат „силна солидарност“ и им се заблагодари на Италија и Грција за брзата помош и мобилизација.
ЕУ најави дека се мониторира и ситуацијата во Хрватска каде избувнаа пожари последните денови близу градот Затон, како и Шпанија, каде општината Урем е исто така во опасност од шумски пожари.
OhridNews